Ракометарите на Алкалоид веруваат: Имаме квалитет, можеме да го освоиме трофејот!

Денеска од 18 часот во Атина, Алкалоид ќе ја почне финалната битка против АЕК за трофејот од ЕХФ Европскиот куп, а ракометарите на македонскиот тим се оптимистички расположени.

Кире Лазаров вели дека тимот е максимално подготвен за историскиот предизвик кој е пред ракометарите.

„Екипата е подготвена, мотивирана, имаме желба и знаење. Можеби сме малку неискусни за финални натпревари, но работиме и на тој психолошки момент. Верувам дека ќе се покажеме во најдобро светлo и ќе стигнеме до посакуван резултат“, вели тренерот Лазаров.

Тој нема да може да смета на најдобриот Марко Митев, во составот е неговиот брат Дамјан Митев кој верува дека можат да стигнат до целта.

„Ова е момент кога можеме да испишеме историја за клубот и да го освоиме пехарот во ЕХФ Европскиот куп. Имаме квалитет, можеме да ја оствариме целта“, оптимистички размислува Дамјан Митев.

Многу работи ќе зависат и од голманите, на кој голман подобро ќе му тргне, колку одбрани ќе има... може да биде клучно за конечниот резултат.

„Максимално да се вложиме и да бидеме 100 проценти фокусирани. Ако ги спроведеме задачите како што треба, на крајот ќе дојдеме до добар резултат“, изјави голманот на Алкалоид, Иван Галевски.

Искусниот Никола Маркоски очекува жешка атмосфера во Атина.

„Знаеме дека атмосферата ќе биде жешка, но за професионални спортисти треба да е уживање да се игра пред полна сала. Најважно е на крајот ние да стигнеме до победата“, вели Маркоски.

Марко Стојковиќ вели дека Алкалоид не се задоволува само со пласманот во финалето, целта е трофејот.

„Одиме на победа на двата натпревари. Не се задоволуваме со тоа што сме во финале. Сакаме да го освоиме трофејот, тоа не е мала работа“, рече Стојковиќ.