„Важно дојдовме до финалето – сега со сите сили кон трофејот што го чекаме 20 години!“

По пласманот во финалето на Купот на Македонија, голманот на Пелистер, Никола Митревски, изјави дека целта е освојување на трофејот што недостига во Битола веќе 20 години.

Тој најави вистинско дерби во финалето против Вардар, очекувајќи голема поддршка од трибините.

„Утре сигурно ќе играме пред многу публика, нѐ очекува вистинско дерби и финале. Одиме да го освоиме трофејот кој 20 години недостига во Битола“, рече Митревски.

Тој ја анализираше и полуфиналната победа над Охрид (27-23), потенцирајќи дека во второто полувреме неговиот тим го прикажал својот квалитет, а токму тоа било клучно за конечниот успех.

„Одигравме добар натпревар, двете екипи. Ова беше полуфинале како секогаш – квалитетно, со посебна тежина и значење. Охрид играше добро во првиот дел, а ние имавме технички грешки во напад. Во вториот дел почнавме да го покажуваме нашиот квалитет и мислам дека тоа беше клучно за победата. Одигравме фантастична одбрана“, додаде Митревски.

Завршницата се игра во салата „Билјанини извори“ во Охрид, каде што на утрешното финале се очекува присуство на навивачките групи Чкембари и Комити.