Вардар потпиша со полски репрезентативен пикер!

Актуелниот ракометен европски шампион Вардар од денеска е посилен за полскиот кружен напаѓач Патрик Валчак, кој во црвено-црниот табор доаѓа од германскиот второлигаш Либек.

Според информациите, репрезентативецот на Полска е 27-годишен специјалист за одбрана, од кого се очекува да понесе голем товар во играта во дефанзивата на составот предводен од тренерот Стевче Алушовски.

Валчак кариерата ја почнал во Гдањск, а има играно уште и за Погон Шчечин и Кјелце. Во дресот на полската репрезентација има одиграно 39 средби, а постигнато 27 погодоци.

Тој би требало да биде трет пикер во таборот на сѐ уште актуелниот европски првак, по капитенот Стојанче Стоилов и Глеб Калараш, откако неодамна си замина и Словенецот Домен Сикошек-Пелко, со тоа што Стоилов ќе има повеќе напаѓачки задачи, а Калараш и Валчак одбранбени. Тука се и младите Давид Гашоски и Стефан Атанасовски, кои би добивале шанса од втор план, во натпреварите со понизок приоритет.