Вардар и Пелистер апелираат за мир на трибините на дербито в недела!

Двата големи ривали Вардар и Пелистер, кои во недела во Скопје ќе го имаат првиот чин од битката за титулата во оваа сезона, заеднички преку соопштените ги замолија навивачите на двата клуба за мирно дерби во кое ракометната пресметка на првакот и вицепрвакот ќе бидат во фокус.

Претседателите на двата макеоднски ракометни гиганти, Михајло Михајловски од Вардар и Зоран Стерјев од Пелистер имаа состанок во пресрет на дербито, на кое се најавува доаѓање и на битолските навивачи во Скопје, па претседателите апелираа до сите, од тренерите и играчите, па сѐ до навивачите за фер и коректен меч и ракометот и спортот да победат.

„Како први луѓе на клубовите, ние на терен, меѓусебе сме лути спортски ривали, но во исто време и добри спортски пријатели, и пријатели и надвор од спортот. Ние силно веруваме во спортската идеја и приказна, и ги правиме сите можни напори да овозможиме услови за да победи спорот и да победи моментално подобрата екипа. Победникот се решава и треба да се решава на терен. Затоа сите ние треба позитивно да го поддржиме тој процес, да навиваме гласно, цивилизирано и коректно.

Ниту едно запалено пиротехничко средство, ниту еден бокс или физички напад на трибините, фрлен камен пред сала, пред или после натпреварот нема да одлучува за победникот на натпреварот. Таквите појаби само ќе ја нарушат спортската атмосфера, ќе им наштетат на клубовите и ќе ја нарушат желбата да гледаме коректен, фер и квалитетен спортски ракометен натпревар“, ве вели меѓудругото во соопштението.

Во прилог целото заедничко соопштение на Вардар и Пелистер пред неделното големо дерби.