Вардар го потврди Еспиња: Горд сум што доаѓам во историски клуб!

Португалскиот голман Мигел Еспиња Фереира е осмо засилување за Вардар во пресрет на новата сезона.

Поранешниот европски шампион денеска го потврди трансферот на 30-годишниот чувар на мрежата кој во Скопје доаѓа од шпанскиот тим Куенка. Во својата кариера бранел за Мануел Пасос, Белененсес, Хуеска и Сесон Рен, а има и настапи за португалската репрезентација.

„Многу сум среќен и горд што доаѓам во таков историски клуб каков што е Варвар. Со нетрпение очекувам да ја почувствувам атмосферата во вардаровата сала со поддршка од неговите неверојатни навивачи. Сакам да им помогнам на моите соиграчи да ги постигнат целите на клубот во Европа и првенството. Се гледаме наскоро“, порача Фереира.

Вардар пред два дена ги почна подготовките за новата сезона, а Фереира наскоро ќе се приклучи и ќе игра на турнирите во Струга и Охрид.