Вардар договори каде и кога ќе ја испроба новата екипа!

По сопственичката миграција од Самсоненко кај Михајловски, РК Вардар полека се стабилизира и дури се засилува, во пресрет на новата сезона. Неколкуте нови ракометари имаат уште околу еден месец одмор, а потоа ќе почнат подготовките, за веќе во август да се случат и првите контролни натпревари.

Уште сега е договорен еден од првите настапи на овој „нов“ Вардар. Новите засилувања ќе бидат видени на дело на пријателски турнир во Кањижа, во Србија, каде што ќе учествуваат уште и Пик Сегед, Нексе и уште една екипа, која треба да потврди.

Турнирот ќе се случува од 20 до 23 август, отприлика точно пред почетокот на новата сезона во СЕХА-лигата, иако од канцеларијата на регионалното натпреварување уште немаат објавено никакви детали за новата сезона. И Михајло Михајловски, како претседател вели дека се зависи од ситуацијата со коронавирусот и локалните легислативи, затоа што некои од државите повторно ги затвораат границите под новиот бран на коронавирусот, како на пример Хрватска.

Кога и да почне СЕХА, учеството во Кањижа е сигурно, а судејќи по претходните години, Вардар веројатно би тестирал и порано во август. Организаторите на струшкиот турнир оваа година планираат „семакедонска“ конкуренција, за 12 и 13 август, но уште нема објава за сигурни учесници.

Не само на Вардар, туку на сите три најдобри екипи од Македонија одлично би им дошло воигрување со оглед на големиот број засилувања, кои веројатно не се завршени. Во Вардар се чека разврска со финансиите во Кил. Ако го намалат буџетот и ги скратат платите, Миха Зарабец ќе го засили актуелниот евроспки првак, а во спротивно Ловро Јотиќ би се преселил во Скопје.