Тиквеш го реши Охрид и закажа финале против Партизан

Ракометарите на Тиквеш се пласираа во финалето на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски - Усташ“, откако вечерва триумфираа со 24-22 против Охрид.

Двете екипи одиграа израмнето прво полувреме, во кое резултатот по 15 минути беше 4-4, а потоа Тиквеш во завршницата избега на три гола предност (10-7), по што Охрид намали на 8-10 пред полувремето.

Охрид со серија од 3-0 на почетокот на вториот дел стигна до целосен пресврт (11-10), по што домаќинот водеше и со 16-14, но набрзо Тиквеш израмни на 17-17.

Тиквеш ја искористи кризата во редовите на Охрид, па постигна уште два гола за предност од 19-17, по што домаќините намалија на 21-22, но немаа сила да стигнат до израмнување, додека гостите прославија триумф со 24-22.

Најдобар кај победникот беше Хамзиќ со пет гола, додека Ончев и Бојаниќ постигнаа по седум за Охрид.

Во финалето ќе се соочат Партизан и Тиквеш, додека за трето место ќе се соочат Охрид и Пролет.