Стоилов: ЕХФ бездушно нѐ казни, ама Вардар ќе го преживее и овој удар!

На денешниот собир со новинарите на предводниците на Вардар присутен беше и капитенот Стојанче Стоилов, кој тешко наоѓаше зборови да го искаже разочарувањето по неочекуваната и престрога елиминација од Лигата на шампионите.

Тој потенцира дека ЕХФ донела бездушна одлука без да ја знае вистинската ситуација во клубот.

„Ептен сум разочаран од одлуката на ЕХФ, која не е свесна каква е ситуацијата во клубот и бездушно го казни Вардар. Особено што исплатата на долговите беше пред крај и кога клубот конечно застана на здрави нозе. Оваа казна ги погоди сите во клубот, нѐ вратија неколку година наназад. Тука сум долго време и немам намера да си одам зашто ќе го надминеме и ова. Се надеваме дека Михајло ќе остане дел од клубот, ги разбирам неговите мотиви, но верувам дека не е дојдено времето да се повлече. Тој го спаси Вардар од колапс, но клубот сѐ уште не е спасен. Пак ќе одиме на титула, иако ќе биде многу тешко. Пелистер има респактабилна екипа, но ние сме Вардар, ние сме шампиони секоја година и повторно одиме на титула“, изјави капитенот.

Стоилов ги потврди тврдењата на Михајловски за ветената, а не добиена помош од државата.

„Присутен бев кога сето ова се кажуваше, кога се ветуваа многу работи и уште не ми е верно дека ништо од тоа не е исполнето. Знам дека е тешко време, пандемија, војна, не е лесно да се обезбедат средства, но да се реализира НУЛА од она што е ветено, тоа не е нормално“, дополни големиот борец.