Металург е сензационалниот победник на ракометниот Куп на Македонија, откако вечерва во Куманово, младите металурзи по пенал-рулетот со 4-3 (29-29 во регуларниот дел) го победија најдобриот макеоднски клуб во моментов Вардар за да ја прекинат доминацијата на црвено-црните во последните неколку години и да му „украдат“ еден трофеј. За Металург ова е шести куп-трофеј, а Вардар остана на „малерозните“ 13 пехари во историјата.

Дека Металург нема да се предаде во финалето во кое однапред беше прежален, покажаа металурзите на стартот на вториот дел кога негативата од четири гола по паузата (16-12) ја претворија во водство дури од три гола (22-19), за на крај да имаат шанса со последен напад да стигнат до трофејот кој не го искористија. Даниел Дупјачанес со фантастичен настап беше еден од хероите, брилјираше на голот, одбрани два пенали во рулетот, а Танкоски го реализира последниот пенал за голема радост.

Дупјачанец, кој ја доби наградата за најдобар голман на завршниот куп-турнир им одбрани пенали во првите две серии на Иван Чупиќ и Тимур Дибиров, а до крајот на рулетот Дејан Милосављев успеа да фати само еден, па Металург сосема заслужено победија, пред се со желбата и борбеноста, користејќи ја опуштеноста и потценувачкиот однос на ѕвездите во црвено-црно.

Сè изгледаше дека Вардар лесно и рутински ќе го одбрани трофејот во Купот на Македонија, откако црвено-црните тргнаа со серија од 5-0, но Металург брзо се созема па се врати во мечот, стигна и до минус еден пред полувремето, но Вардар исчекори со солидна предност на паузата од 16-12. И ако сите чекаа дека второто полувреме ќе биде уште полесно, Металург со серија од 7-2 дури стигна да поведе по само шест минути игра (19-18), а во 39-та минута да дојде и до неверојатни плус три (22-19).
Сепак Вардар брзо успеа да се соземе, да го врати водството, но Металург не се предаваше до самиот крај, практично малтретирајќи ги ѕвездите во црвено-црно за да не им дозволат да исчекорат кон трофејот. Металурзите ги искористија сите грешки и опуштеноста на вардарци за да останат до крај во мечот, останувајќи во егал со фаворизираниот противник до последната секунда. Од 53-та минута се играше гол за гол, Металург поведуваше, Вардар израмнуваше и „пиратите“ од Автокоманда дојдоа во шанса за победа со завршен напад на пола минута до крајот при резултат 29-29, но обидот на Јагуриновски го одбрани Калифа Гедбане.

Во пенал-рулетот Серафимов, Токиќ, Шпенде и Танкоски погодија за победа, а Карачиќ, Поповски и Скубе беа стрелци за Вардар. Најдобар стрелец во финалето беше Шпенде со осум гола, а Токиќ даде седум. Кај Вардар, Чупиќ даде седум, а Поповски и Криштопанс по четири.