„Се шокирав кога голем клуб како Вардар посака да ангажира тинејџер како мене!“

Поранешниот двоен европски шампион, скопски Вардар, наскоро ќе ги официјализира договорот со талентираниот португалски ракометар, Нилтон Мело, кој ќе ја засили бековската позиција за следниот период.

Ваквата понуда била изненадувачка дури и за поранешниот младински репрезентативец на Португалија, кој минатата сезона ја одигра за Виторија Сетубал и тоа како позајмен играч од Спортинг Лисабон.

„Барав проект кој ќе ми дозволи да бидам професионалец и во кој ќе имам шанса да напредувам. Имав понуди од Шпанија, но се појави Вардар и по анализите не можев да го одбијам. Како тинејџер, бев изненаден што голем клуб како Вардар со традиција и историја ме побара, но на спротивната страна, сакам кога се случуваат вакви работи затоа што ми даваат мотив и желба секојдневно да се докажувам и да напредувам“, изјави Мело за португалските медиуми.

Вардар досега како нови засилувања ги потврди бекот Стефан Петриќ од Партизан и крилото Марко Срдановиќ од Металопластика. Најтрофејниот клуб сезоната ја заврши на третото место во македонскиот шампионат и ако добие зелено светло од Европската ракометна федерација (ЕХФ) ќе игра во квалификациите за Европската лига.