Рибари: Некој упорно се обидува да нè оцрни пред целата јавност!
Имено, тие искажуваат револт кон полицијата и лицата задолжение за безбедноста на натпреварите, според нив тие немаат ист третман како останатите навивачки групи.
Нивната реакција ја пренесуваме во продолжение:
„Кога чашата е прелеана - толеранцијата станува недопустлива Како сведоци на притисок и константна репресија врз целото членство што се врши веќе подолг период, изразуваме силен гнев и револт поттикнат од лицата во униформи кои ,,овозможуваат” секој домашен натпревар да помине во фер и спортска атмосфера. И покрај бројните хуманитарни акции кои ги организираме самоиницијативно со нашиот несебичен труд и ангажман, очигледна е желбата дека некој упорно се обидува да стави дамка и да нè оцрни пред целата јавност.
Имено, закани и неосновани апсења се само пример како се одвива обидот да се уништи угледот и лицето кое раководството на групата го гради веќе години наназад. Вредно е да се напомене дека на домашни натпревари, кога не постои потенцијален ризик, упорно сме третирани како да сме најозлогласена група. Нашиот впечаток е дека препукувањата и сите недоразбирања нема да престанат и можат да резултираат само со лош исход, но тоа не значи дека ќе дадеме одврзани раце и немо ќе дозволиме пред наши очи да се одвиваат секакви игри. Сè почесто се запрашуваме: кој сака да згасне навивачкото движење во Охрид?
Честа и образот што чинат многу повеќе од личниот интерес се симбол за нашето постоење и чесно дејствување кое ќе трае и понатаму. Порачуваме дека нема да потлкекнеме и ќе продолжиме да се бориме за нашата приказна да продолжи засекогаш. Без разлика на тоа како ќе бидеме третирани, наша должност е да го браниме името на групата и градот“, стои во објавата.