РФМ има нова мисија – со каравани ќе ги мотивира децата да се вљубат во ракометот

Челниците на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) на денешната прес-конференција најавија почнување иницијатива за поттикнување на најмладите да се вклучат односно да се вљубат во ракометот и тоа преку организирање на каравани низ целата држава.

Оваа идеја ја елаборира генералниот секретар на Куќата на ракометот, Влатко Тасевски.

„Главната цел на нашиот нов проект е децата на возраст од 8 до 12 години да се заинтересираат и да почнат да тренираат ракомет. Тоа е наш приоритет и ќе работиме на терен, директно со нив“, изјави Тасевски.

Првите активности ќе започнат во септември во Охрид, за време на ЕХФ неделата, каде ќе биде стациониран и сениорскиот национален тим. Таму ќе се одржат првите настани, а веќе од февруари или март се планира почеток на натпревари во мини-ракомет за најмладите. Според планот на РФМ, секој месец ќе се посетуваат два до три града, каде ќе се организираат интерактивни активности со присуство на познати ракометни имиња. Целта е децата да научат за правилата на играта, да се дружат со своите идоли и да се мотивираат да станат дел од ракометното семејство.

„Ќе вклучиме ракометни легенди и ќе работиме на терен, со објаснување на основите на спортот. Најважно е да ја разбудиме љубовта кон ракометот уште од најрана возраст“, додава Тасевски.

Покрај оваа иницијатива, федерацијата најавува и промени во системот на младинските натпреварувања. Целта е да се зголеми бројот на натпревари за младите играчи, што ќе помогне во нивниот развој и задржување во спортот.

„Свесни сме дека клубовите се ограничени со финансии, но бараме решенија кои ќе бидат најдобри и за нив и за играчите. Мораме да обезбедиме повеќе натпревари – тоа е единствениот начин младите да останат во салите и да продолжат да се развиваат“, заклучи Тасевски.

Предводниците на македонскиот ракомет истовремено го потврдија одржувањето на турнирот „Трофеј на Македонија“ во женска конкуренција, кој ќе се одржи во Охрид за време на ЕХФ неделата во септември. На него покрај нашите девојки ќе настапат и репрезентативките на Египет, Тунис и на Грција.