РФМ ги казни Недановски и Манасков за – навреди и неспортски однос!

Дисциплинската комисија на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ги казни, Владо Недановски и Дејан Манасков од таборот на Вардар, без конкретно да биде потенцирано што биле нивните конкретни прекршоци, на кој меч и против кого.

Тренерот на Вардар ќе мора да одмори на четири средби, а левото крило на два натпревари и тоа поради „навреда на службени лица или играчи за време и по крајот на натпреварот“. Ракометните „дисциплинци“ не наведуваат за кој меч се казнети двајцата вардарци, но најверојатно тоа е за случувања по поразот од Алкалоид во последното првенствено коло, кој значеше пласман на дури третото место на црвено-црните.

Со оглед што првенството е завршено, Недановски и Манасков казните ќе ги „одработат“ во следниот шампионат, без разлика дали уште ќе бидат во Вардар или во некои другите екипи во Македонија.