„Ретко кој може да се пофали со полувековна традиција како Струшкиот турнир“

Организаторите на традиционалниот „Струшки турнир“ го промовираа јубилејното 50. издание, на прес-конференција во Агенцијата за млади и спорт. Родениот стружанец, сега во улога на директор на АМС, Наумче Мојсовски, говореше за значењето на овој турнир, во друштво на претседателот на клубот домаќин, Кире Јованоски и генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски.

Полувековна традиција не е мала работа во која било дејност, а во спортот е вистинска реткост, затоа стружани со гордост го најавуваат, веројатно, еден од најсилните турнир во последниве години.

„Ретко кој од спортски аспект може да се пофали со 50 години традиција. Ние и во најтешките години успеавме да ја одржиме традицијата заедно со струшките ракометни работници и со љубителите на ракометот. Ќе се игра на отвореното игралиште покрај Женска плажа од 16 до 20 август. Турнирот повторно ќе има осум екипи, поделени во две групи и мислам дека може да биде еден од посилните во последно време. Сите екипи учеснички се освојувачи на многу титули, како во домашните така и во меѓународните конкуренции“, рече претседателот на Струга, јовановски.

Неговиот клуб ќе ги отвори натпреварите, во вторник од 17 часот, против Пелистер, а во истата група се и словачкиот првак Татран Прешов и грчкиот, освојувач од 2019, екипата на АЕК. Во групата Б, пак, ќе се надигруваат Вардар, Бутел, Алкалоид и Целје. Еден од луѓето кои минале многу килоетража на теренот покрај Женска Плажа е самиот Наумче Мојсовски, кој истакна дека турнирот во Струга има големо значење и дека пожелно е така да остане за доброто на овој спорт.

„Многумина од нас ги направиле првите чекори на турнирот во Струга. Големо е задоволството и честа да се биде дел од организацијата на овој турнир, кој е од огромно значење и еден од најстарите во Европа. Се надевам дека овој турнир од следното лето ќе биде под покровителство на претседателот на државата, како и други спортски настани. Ќе се гледа одличен ракомет, сакаме фер и коректен турнир и нека победи најдобриот. Македонската јавност ќе може да гледа одлични натпревари. Ракометот уште го има епитетот спорт број 1 во нашата држава, а овој турнир нека биде мотив плус за многу деца да почнат да тренираат ракомет“, вели Мојсовски.