Шефот на стручниот штаб на ракометниот прволигаш Тинекс Пролет, Никола Матлиески, денеска ја одржа првата прозивка, со што беше означен официјалниот старт на подготовките на тимот за новата натпреварувачка сезона. Откако во изминатите денови се тренираше индивидуално и во мали групи согласно протоколите, Матлиески денеска ги собра на едно место сите ракометари, на кои ќе смета во претстојната сезона.

Пролет се враќа на клупската политика да настапува исклучиво со домашни ракометари, а во тој правец летово беа ангажирани две засилувања, Дејан Пецаковски и Давор Палески со чија помош ќе се обиде да ги оствари зацртаните цели – освојување на едно од првите три места во групата и влез во плејофот.

По долго размислување, донесена е одлука скопскиот тим да не учествува на турнирот во Струга, се со цел здравјето на ракометарите да не се стави во опасност во период на нов бран на коронавирусот во нашата земја. Пролет правиот дел од подготовките ќе го мине во Скопје, по што на 15 август ќе замине на висински подготовки во Маврово.