Потпишаа браќата Њокас: Лазаров ни кажа убави работи за Металург!

Најавениот трансфер е официјален, Оливие и Кевин Њокас се нови членови на РК Металург.

Браќата близнаци, кои имаат по 34 години, го ставија својот потпис на двегодишен договор со Металург. Доаѓаат желни за успеси и за да бидат дел од успешниот проект.

„Проектот Металург е одличен и голем предизвик за нас. Кирил Лазаров ни кажа убави зборови за клубот и едвај чекаме да почнеме. Сакавме по пауза од 16 години да играме повторно заедно, а Металург со својата понуда е вистинско место за тоа“, рекоа браќата на денешното претставување.

Соиграч на Лазаров е Оливие, левиот бек, кој игра во оваа екипа од 2016 година на позицијата лев бек. Кевин е дел од Бенфика од септември 2018, кога му се врати на ракометот по едногодишна, краткотрајна „пензија“, тој е левак и ја покрива десната бековска позиција. Заедно играле само во Париз, уште пред да стане богатиот клуб со катарски газди, до 2008 година. Заедно се носители на три златни медали со Франција од големите натпреварувања, Кевин од СП 2015 и ЕП 2014, а Оливие од Мундијалот во нивната земја, пред четири години.

Со потпишувањето на првите Французи во својот тим, но и со продолжувањето на договорот на Златко Хорват, Металург ги потврди своите високи амбиции, а според логиката на нештата и својата здрава финансиска кондиција, штом негува договори со така звучни ракометари.