Вардар ја плати казната од 250.000 евра кон УЕФА

Фудбалскиот клуб Вардар објави дека ја подмирил казната кон УЕФА во висина од 250.000 евра, која се однесува на низа неправилности утврдени во периодот пред летото 2024 година.

Според образложението од клубот, станува збор за неправилности, манипулации, фалсификати и други незаконски дејствија поврзани со работењето на клубот во периодот кога Вардар бил под претходната сопственичка и управувачка структура.

Најголем дел од констатираните неправилности се однесуваат на сезоните 2021/22, 2022/23 и 2023/24, во кои, меѓу другото, биле склучувани незаконски двојни договори со фудбалери. Како примери се наведуваат договорите со Блажевски и Глишиќ. Посочено е и дека одредени исплати биле реализирани преку други сметки, додека кај дел од трансакциите недостасувала соодветна сметководствена документација.

Станува збор за низа пропусти и неправилности кои, според УЕФА, се случувале во периодот пред промената на сопственичката структура на клубот.