Димевски: Медалите во Таранто се потврда дека имаме успешни спортисти

Првиот човек на МОК, Даниел Димевски денеска заедно со делегацијата од Таранто ги сподели впечатоците од настапот на македонските спортисти на Медитеранските игри.

Покрај претседателот на МОК, Даниел Димевски и Матеј Белистојановски, своите впечатоци од Игрите во Таранто ги споделија и Петар Спасеновски, шеф на македонската делегација и Могамед Ибрахимов, потпретседател на Федерацијата на Боречки Спортови на Македонија.

Според Димевски настапот на Македонија во Таранто е исклучително успешен.

„Шест медали од Медитеранските игри се резултат со кој треба да бидеме горди. Овие одличја се освоени со огромен труд на спортистите, нивните тренери и федерациите, а се радост за целата македонска јавност. Македонскиот олимписки комитет ги овозможи сите услови на овие медитерански игри, а спортистите ни вратија со медалите кои што ги донесовме. Нивниот настап претставува потврда дека Македонија има спортисти кои можат да се борат за највисок пласман на големи меѓународни натпревари“, истакна Димевски.

Каратистот, Матеј Белистојановски беше единствениот кој освои златен медал во категоријата до 67 килограми.

„Пресреќен сум што успеав да го освојам златниот медал и да ја направам Македонија горда. Овој успех е резултат на многу работа, тренинзи и одрекувања. Благодарен сум на сите кои беа со мене и ме поддржуваа. Ова злато е дополнителен мотив да продолжам да работам и да се борам за нови успеси“, истакна Белистојановски, кој го освои златниот медал во карате, во категоријата до 67 килограми.

Од останатите медалисти Фати Вејсели освои сребро во борење слободен стил до 74 килограми, а Реџеп Хајдари сребро во категоријата до 97 килограми. Вероника Консевиќ освои бронзен медал во борење слободен стил до 57 килограми, Ахмад Магомедов бронза во категоријата до 86 килограми, додека Ален Рустемовски се закити со бронза во бокс во категоријата до 60 килограми.

„Четири медали во борење на едни Медитерански игри е огромен резултат. Тоа покажува дека имаме квалитетни борачи и дека работата што ја вложуваме дава резултати. Овие медали се мотив да продолжиме уште посериозно и да создадеме услови за уште поголеми успеси на следните големи натпреварувања“, истакна Могамед Ибрагимов, потпретседателот на Борачки спортови.

За медиумите зборуваше и Петар Спасеновски, шефот на делегацијата.

„Медитеранските игри се натпреварување со исклучително силна конкуренција и секој освоен медал има голема тежина. Нашата делегација покажа борбеност, професионалност и квалитет. Како шеф на делегацијата, особено сум горд на начинот на кој нашите спортисти ја претставуваа Македонија во Таранто. Имавме навистина огромен предизвик како делегација, затоа што на сите мултиспортски случување, секогаш има некаков проблем, дали е тоа транспортот, сместувањето и слично. Но, ние направивме се во наша можност за нашите спортисти тоа да не го почувствуваат и да се грижат само за да остварат подобар резултат“, рече Спасеновски.