Димитриевски не можеше да спречи нов домашен срам за Валенсија (ВИДЕО)
Домашната екипа прва стигна до предност пред своите навивачи на стадионот „Местаља“, откако во 38. минута Пепелу беше прецизен од белата точка. Со ова водство Валенсија замина на пауза, но во второто полувреме гостите ја презедоа иницијативата и извршија силен притисок кој на крајот вроди со плод. Израмнувачкиот погодок за гостинскиот состав го постигна Алекс Фриман во 69. минута од натпреварот. По израмнувањето, Виљареал продолжи со офанзивната игра во обид да стигне до трите бода. Целосниот пресврт беше режиран во 96. минута, кога Георгес Микаутадзе стрелаше со што ги замолкна домашните фанови и му нанесе нов удар на тимот на Валенсија.
На голот на Валенсија од првата минута настапи македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски. Тој забележа неколку сигурни интервенции во текот на средбата, но беше немоќен во самата завршница при победничкиот погодок на Микаутадзе. Со овој пораз, Валенсија остана претпоследна на табелата со само шест бода, како потврда дека тимов на Македонецот го чека грчевита борба за опстанок во шпанската елита.