Битолски Пелистер уште од пред една недела е нов ракометен првак, па денеска во последното коло од ракометната Суперлига дојде моментот за паметење во Битола – зелено-белите го кренаа шампионскиот пехар.

Цело полнолетство мина од 18 години колку што Битола го немаше почувствувано шампионскиот вкус, па денеска пред преполната сала во „градот на конзулите“, Пелистерци го дочекаа моментот за крунисување за нови владетели во македонскиот ракомет.

Победата против Тиквеш со 35-26 беше само формално заверување на одличната сезона на битолчани за нивни 14-ти пехар во историјата, а седми шампионски пехар и Пелистер сега е втор на вечната листа, надминувајќи го Металург со кој беа израмнети. Вардар е убедливо најтрофеен со 15 титули

Прославата на битолчани за шампионската титула ќе биде вечерва на плоштадот „Магнолија“ со низа ди-џеи, а ќе дојдат и новите прваци, па со огномет ќе се одбележи големиот успех на ракометарите.