Охрид по голема борба го совлада Вардар, Алкалоид подобар од Тиквеш

Дербито во салата „Билјанини Извори“ заврши со победа на Охрид од 26-24 над новиот македонски шампион Вардар во осмото коло од плејофот на Суперлигата.

Охрид беше подобар на стартот на дуелот и го чуваше водството, а стигна и до плус три (8-5). Сепак, Вардар набрзо ги поправи грешките во нападот и заигра подобро во одбрана, со што направи пресврт до крајот на првиот дел (14-12).

Вардар стигна до предност од 16-12, но гостите добија две исклучувања, па Охрид ја искористи ситуацијата да израмни на 16-16, а потоа влезе во серија за да стигне до 21-17. Продолжи големата борба во самата завршница, а на крајот славеа домаќините со 26-24.

Најефикасен беше Јасухира со шест погодоци кај Охрид, додека Да Силва постигна пет голови за Вардар.

Алкалоид претходно славеше против Тиквеш со 30-23, додека Пелистер 2 го надигра Куманово со 27-25.