Сите тренери на Вардар доаѓаат од иста соблекувална!

Давид Писонеро ѝ е непознат на македонската јавност, слично како Раул Гонзалес Гутиерес, кога се појави во 2014 година, како решение за тренерската позиција. Тие, всушност, многу добро се познаваат, заедно со Роберто Парондо.

Вардар ќе добие тренер кој е иста школа со Раул и со Парондо, барем така вели логиката ако се знае дека со едниот поминал 10 години заедно во ист клуб, со другиот пет.

Давид Писонеро ја почнал кариерата на свои 16 години, во 1990, во Ваљадолид. Таму веќе трета година среден бек бил Раул Гонзалес. Писоноеро бил талентиран пикер и се изборил за место во тимот, па останал таму до 1995. Потоа заминал во Канатабрија, каде што останал две години и освоил две титули: АСОБАЛ-купот и Супер глоуб. Во сезоната 1997-98 играл во Адемар Леон и од 1998 повторно се вратил во старото јато, кај познаникот Раул Гонзалес.

Сега веќе имало нов талентиран тинејџер, кој веќе една година покажувал каков потенцијал е на десната крилна позиција - Роберто Гарсија Парондо. Од таа 1998, до 2003 сите тројца заедно гинеле за дресот на Ваљадолид, а во 2002 година го освоиле АСОБАЛ-купот. Во 2003 Писонеро ја завршил кариерата, Парондо преминал во Адемар Леон, а Раул останал уште две години додека ги закачи патиките на клинец, цел живот бранејќи го дресот на својот Ваљадолид.

Ако судиме по ова, Писонеро би требало да биде иста ракометна школа како Парондо и Раул, но се разбира, секој човек е свој ков. Писонеро допрва треба да покаже дека има нешто што ја прави оваа шпанско-балканска комбинација добитна.