Ракометните прволигаши кренаа глас: Ние сме маченици, зар не заслужуваме ни денар од државата?

Клубовите од вториот степен на натпреварување во македонското ракометнп првенство или практично, прволигашите, денеска се здружија и се собраа со заеднички глас, незадоволни од распределабата на спортските ваучери со која тие целосно се изоставени. Денеска беа примени во просториите на Ракометната федерација на Македонија, заедно со претставник на Агенцијата за млади и спорт.

Клубовите од Прва лига планираа сами да се кренат против селективната распределба на ваучерите како што велат, но денеска и РФМ покажа слух за нивната мака, па заедно тргнаа по решенија. На состанокот присуствуваа претставници од поголем број од прволигашите, генералниот скретар на РФМ, Филип Милошевски и Огнен Стојановски, член на централната комисија за воведување на ваучер при АМС.

„РФМ ја поддржува иницијативата и смета дека не е добра распределбата на средствата. Клубовите заслужуваат подобар третман“, истакна генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски како вовед во состанокот.

Клубовите се надоврзаа откривајќи ги своите проблеми кои се засилија со промената на Законот за спорт. Ако со претходниот закон можеше да се надеваат на дарежливоста од некои локални фирми, сега требаше да се потпираат на ваучерите, арно ама за нив - нема.

„За нас маченици, кои со години работиме на тоа да опстане базата, ракометните школи, Академиите и младите категории, сметаме дека АМС треба да покаже и на дело дека се грижи за масовност, и за млади и спорт. Треба и за нас да има некоја културна сума со која ќе ни се помогне. Да добиеме и ние некоја инфузија, да дишеме полесно“, истакна претставникот на Ринија, Исмаили.

„Имавме последна надеж дека АМС ќе помогне нешто. Со потпишувањето на иницијативата, нема да играме во Прва лига додека не ни биде донесен ваучер. И на Редовното Собрание на РФМ го кажавме нашиот став, за крајно нетранспарентно укинатиот стар закон, потоа шест месеци голгота, па беше наведен ваучер како решение кое ќе ни ги отворат вратите, а сега одново 16 клуба, остануваат да висиме“, потенцираше Дарко Петровски од РК Аеродром.

Претставникот на АМС, Стојавноски, требаше да одговори зошто прволигашите воопшто не добија дел од колачот кој го предвиди новиот закон за спорт.

„Спортскиот ваучер требаше да биде дополнителна поддршка за клубовите, но со промена на Законот за спорт од Министерството за финансии, се случи така ваучерот да е главно сретство за финансирање на клубовите. Законот е така искреиран секоја Федерација, клуб и спортисти добиваат бодови за своите постигнувања и врз основа на нив се врши распределбата на финансиите. Ќе ги имаме сите забелешки в предвид и ќе бидат пренесени до Комисијата.Шест милиони евра да се распределат на 50 Федерации, на 300-400 клубови, како и на 100 спортисти во индивидуалните спортови, јасно е дека ќе има некој незадоволен“, објасни Стојановски.