НАТО и Столтенберг го пролонгираа пристигнувањето на Вардар во Скопје!

Чартер-авионот со ракометните херои од тимот на Вардар, кои вчера ни донесоа огромна радост со освојувањето на европската титула на фајналфор-турнир во Келн, кој беше најавен за 16.15, во моментов е откажан, а причина за тоа е престојот во нашата земја на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дознаваме од извори во „ТАВ“.

Причина за оваа одлука е фактот што луѓето од протоколот и тие што ја организираат посетата на високиот државник од западната алијанса процениле дека авионот со кој би дошле ракометарите би пристигнал непосредно пред заминувањето на Столтенберг. Со оглед на очекуваниот хаос и присуство на илјадници навивачи на аеродромот, тоа за нив било неприфатливо со оглед на безбедносните стандарди кои се употребуваат при патувања на луѓе од врвот на НАТО.

Нашите информации велат дека во моментов во црвено-црниот табор се размислува за две варијанти и тоа првата е повторно да се ангажира чартер-лет кој би пристигнал во Скопје по заминувањето на Столтенберг (најрано околу 20 часот) или, пак, да се остане на првичната опција за враќање некаде пред полноќ. Дилемата е дали за само 2-3 часа пристигнување порано да се потрошат многу пари за чартер-авион, во ситуација кога клубот ионака кубури без пари, а ракометарите играат без да земат плата речиси девет месеци.

Јавноста во Македонија врие и нетрпеливо го очекува пристигнувањето на хероите, без разлика кога ќе биде тоа.