Хаотични квалификации: Двоецот на Мерцедес ќе стартува прв на спринтот во Канада!

Џорџ Расел ја освои пол-позицијата за спринт-трката на Големата награда на Канада, откако возачот на Мерцедес беше најбрз во драматичните квалификации на патеката „Жил Вилнев“.

Британецот со време од 1:12.965 минути беше побрз од тимскиот колега Кими Антонели за само 0,068 секунди, носејќи двојна победа за „сребрените стрели“. Новите технички надградби на Мерцедес веднаш дадоа резултат, па тимот целосно доминираше во завршната квалификациска сесија пред конкурентите од Мекларен, Ферари и Ред Бул. Зад тандемот на Мерцедес се пласираа возачите на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пијастри.

Расел по квалификациите не го криеше задоволството од враќањето на врвот по тешкиот викенд во Мајами, истакнувајќи дека новиот пакет аеродинамични делови значително го подобрил болидот.

„Новиот пакет надградби се чувствува одлично, тимот заврши огромна работа за да го подготви и донесе порано. Среќен сум што повторно сум на првата позиција“, изјави Расел.

Луис Хамилтон пропушти шанса да се вмеша во борбата за пол-позицијата, иако во делови од последниот брз круг имаше најдобри времиња. Возачот на Ферари направи грешка во вториот сектор и на крајот заврши на петтото место, пред тимскиот колега Шарл Леклер. Проблемите продолжија и за Макс Верстапен, кој едвај обезбеди пласман во третата квалификациска фаза по избришан круг во втората рунда поради пречекорување на лимитите на патеката. Возачот на Ред Бул на крајот ќе стартува од седмата позиција, веднаш пред Исак Хаџар.

Квалификациите започнаа со црвено знаме по инцидентот на Фернандо Алонсо, кој удри во заштитната ограда во првите квалификации. Одличен впечаток остави младиот Арвид Линдблад од Рејсинг Булс, кој на своето деби на патеката во Монтреал успеа да стугне до последната фаза и да дојде до деветтото место на стартот, пред Карлос Саинц.