Пелистер го донесе големиот словенечки талент - Червар крои силен тим!
Битолчани донесоа засилување на левата бековска позиција, ракометар на кој му се предвидува голема кариера.
„Со карактеристики кои го привлекоа вниманието на повеќе европски клубови, нашиот нов лев бек со право беше во бележниците на многу ракометни познавачи. Наше е задоволството да го потврдиме неговиот трансфер. 20-годишниот лев бек Малик Татар е нов член на Еурофарм Пелистер.
Се работи за словенечки потенцијал, со проекција за голема кариера и сигурен напредок. Тој е роден во Целје, се афирмира во Горење Велење, а ги мина и сите младински категории на словенечката репрезентација. Татар се обврза на двегодишен договор со нашиот клуб и ќе биде претставен на почетокот на подготовките за следната сезона.
Татар е петто засилување за тимот на Лино Червар за сезоната 2025/26 по Котар, Серафимов, Белистојаноски и Џелиловиќ“, се вели во соопштението на Пелистер.
Малик Татар беше најдобар стрелец во словенечкото првенство оваа сезона.