Мукаетов заминува како најуспешен: РФМ бира претседател – се знае и фаворитот!

Александар Стефанов е главен фаворит за нов претседател на Ракометната Федерација на Македонија (РФМ), која денеска на пладне ќе одржи Изборно Собрание.

Тој долги години е дел од РК Бутел и член на Управниот одбор на РФМ, доби значителна поддршка од клубовите и здруженијата, што го прави најизгледен наследник на досегашниот претседател Живко Мукаетов. Со ова Собрание се означува крајот на 12-годишното водство на Мукаетов, период кој се смета за исклучително успешен.

Под негово раководство, РФМ ја зацврсти финансиската стабилност, ја подобри организацијата, инвестираше во младинскиот ракомет и успешно ја спроведе смената на генерации во сениорската репрезентација. Овие достигнувања поставуваат високи стандарди за неговиот наследник.

Во трката за претседателското место се споменуваше и долгогодишниот судија и делегат Драган Начевски, но тој се откажа од кандидатурата, па Стефанов денеска ќе биде единствен кандидат и сигурен наследник на првиот човек на Алкалоид.