Михајловски: Си заминувам од Вардар, ама не го оставам на - цедило!

Првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски, најави заминување од клубот, пред сѐ поради возраста и желбата поголемо време да посвети на своите бизниси и на семејството, но тоа нема да го направи додека клубот не застане на цврсти нозе.

Тоа значи подмирување на сите долгови поради кои клубот беше исклучен од Лигата на шампионите.

„Имам 75 години, не ги кажувам многу често и би сакал да најавам мојата оставка, но не во овој момент. Сакам да најдеме стабилни спонзори кои ќа ја продолжат традицијата на РК Вардар, да остане македонски спортски бренд и во иднина. Доставивме барање до 37 компании да влезат како спонзори во клубот, се повикуваме малку и на македонштината. Јас и на играчите на состанокот им кажав дека ќе најавам оставка, но нема да го оставам така клубот, сакам првенствено долговите да ги исчистиме во наредните два три месеци, со изјава на сите играчи дека се исплатени и дека немаат никакви побарувања од Вардар. Моја желба е Вардар да биде стабилен, да се расчисти со стариот клуб и да се привлечат нови спонзори со кои повторно ќе бидеме онаму каде што припаѓаме“, изјави меѓу другото Михајловски.