Металург носи ѕвезди, а старите, „заборавени“ играчи тужат за своите пари!

Во „Автокоманда“ денеска беа претставени браќата Оливие и Кевин Њокас, како следни големи засилувања и навистина, претставуваат едни од најголемите ѕвезди, кои ќе го носат дресот на шесткратниот македонски првак. Меѓутоа, прашањето е како може клубот да носи ѕвезди, кога ги нема подмирено обврските кон поранешните „обични смртници“ кои се потеле за клубот

Француските бекови се ракометари со педигре и титули, а тоа се плаќа. Кога веќе има пари за нив, прашањето е како може да нема за некои „заборавени“ имиња од порано, кои уште ги чекаат своите плати.

На последниот Конгрес на ЕХФ, одржан на 22 и 23 април, во извештајот на Арбитражниот суд на ЕХФ (ЕЦА), како еден нерешен случај беше споменат „Шпенде против Металург“. Станува збор за словенечкиот лев бек, кој тренираше и играше за сините од „Автокоманда“ во 2018/19, му помогна на клубот и сензационално да го освои пехарот во Купот во мај 2019, арно ама не си ги добил парите.

Арбитражниот суд констатира дека долгот на Металург и понатаму не е исплатен и дека во процес ќе биде ставено преземање мерки против должникот. Шпенде е само еден актуелен случај, за кој правдата ќе ја дели ЕХФ, а порано имаше и други.

Случаи со неисплатени долгови има(ло) во многу европски, реномирани клубови, имаше и во Вардар, но едно е клубот да е во криза и да не може да врзе крај со крај, а друго е во јавноста да демонстрира моќ, додека на друга страна покажува „нула“ на сметката.