Лесјак: Имаме интелигентен тим, верувам во проектот на Пелистер

Пелистер денеска го претстави новиот голман од Словенија, Урбан Лесјак кој треба да им помогне на битолчани во остварување на амбициите и симнување на поранешниот европски првак Вардар од тронот.

Овој 32-годишен голман доаѓа во Битола од Бундеслигата и кажа дека Филип Кузмановски му кажал убави зборови за клубот и градот пред да потпише за Пелистер.

„Кога стигна понудата од Битола, веднаш ми беше интересна. Градот го знаев, бидејќи играв тука со Хановер, а исто така Филип Кузмановски ми кажа многу убави зборови за клубот, градот, организацијата, сопственикот и засега сè функционира супер и едвај чекам да почнат натпреварите“, вели Лесјак.

Лесјак кажа дека Словенците имаат големо почитување за македонскиот ракомет.

„Знаеме што значеа Металург, Вардар и Еурофарм Пелистер, кој е на добар пат. Имаме добра екипа и верувам дека ова е добар проект. Со многу ентузијазам гледам на проектот. Мило ми е што ќе имам голема одговорност и ќе бидам важен за екипата. Верувам во својот квалитет и квалитетот на тимот. Свесен сум дека ќе биде тешко, но ќе дадам сè од себе. Имаме интелигентна екипа која може да игра на повеќе начини“, вели голманот.

Чуварот на мрежата беше дел од Целје Пивоварна од 2010 до 2018 година, по што играше четири сезони за Хановер пред да се пресели во Пелистер. Исто така, Лесјак беше член на словенечката репрезентација која освои бронза на Светското првенство (СП) во Франција во 2017 година.