Корона во Вардар пред натпреварот со Нексе!

Екипата на Вардар в сабота и официјално треба да ја почне натпреварувачката сезона, со реваншот против Нексе, од четвртфиналето во СЕХА-лигата, меѓутоа планот може целосно да го смени најновата информација од црвено-црниот табор - во клубот се појавил коронавирусот!

Неофицијлано, најмалку еден од ракометарите на Вардар се инфицирал од глобалниот вирус, меѓутоа во релации неповрзани со неговите соиграчи. Затоа во клубот сега ги чекаат резултатите на сите останати за да се потврди дека вирусот не се проширил. Ракометарите биле тестирани во саботата, а во текот на денешниот ден се очекуваат резултати.

Ако сите останати играчи и понатаму се негативни, клубот ќе продолжи нормално со тренинзи, а само заразениот ракометар ќе биде во изолација додека не добие два негативни теста. Целата оваа ситуација доаѓа во незгодно време, бидејќи го става во опасност одржувањето на натпреварот со Нексе, кој е закажан за в сабота. Ако денешните резултати се негативни, мечот ќе биде одигран според планот, во спротивно, ќе се чека одлука на екипите во корелација со СЕХА-лигата.

Ракометарите на Вардар имаат направено неколку редовни тестови, од почетокот на подготовките, на 18 јули, досега, со оглед дека патуваа и во Струга, каде што играа на традиционалниот турнир, меѓутоа ова е прв случај на позитивен играч.