Кањелјас: Никако да дојде денот кога ќе ни биде платено сѐ што ни се должи!

Веќе не се ни табу-тема финансиските проблеми во Вардар, откако на ракометарките им беше соопштено да си бараат нови клубови. Мала неизвесност остана да лебди врз машкиот тим, а прв кој малку поотворено проговори дека има проблеми е Жоан Кањелјас.

Во интервју за шпанска „Марка“, вардаровиот бек не криеше дека имаат неисплатени плати, велејќи дека не знаат од која природа се овие проблеми.

„Веќе некое време ни велат дека ќе ни биде платено што ни се должи, но тој ден никако да дојде. Веруваме во зборот на претседателот дека ќе ни биде исплатено сè или поголем дел од тоа што ни се должи до крајот на месецот. Не ги знаеме мотивите на овие доцнења, бидејќи не веруваме дека се проблеми од економска природа“, вели шпанскиот репрезентативец.

Поради ваквата ситуација, многу од играчите, па и тренерот Раул Гонзалес веќе си најдоа други клубови. Кањелјас има договор со Вардар до 2019 година и вели дека може да го испочитува, но и дека е отворен и кон понуди бидејќи секогаш треба да се има план „б“,

„Сите играчи кога гледаат дека работите се сомнителни, треба да разгледуваат и втора опција за своите семејства и за самите себе. Иако овде ми е многу пријатно, мора да се бара план ‘б’ и тоа што порано. Се обидувате да останете настрана додека играте, но колку повеќе месеци трае (проблемите н.з.), толку повеќе ви влијае. Поради работата овде е и мојата фамилија, па ако еден од двата дела не е како што треба, тогаш нема смисла“, објаснува 31-годишниот сопруг и татко.

За жал или за среќа, Кањелјас веќе има неколку искуства од овој тип во својата кариера. Беше во Сиудад Реал, кога на клубот му се закануваше банкрот, но за среќа фудбалскиот Атлетико го зеде под свое. Сепак, времето покажа дека тоа е само продолжување на животот, па по две години години клубот сепак се сретна со својот крај, со долг од околу 100.000 евра.

Тој ја прифати понудата на Хамбург, тогаш тазе европски шампион, стабилен и сигурен, но штом отиде и таму почна да се зборува за банкрот, па Кањелјас си замина по само една сезона и го претрка крахот на клубот, кој неминовно се случи. Преселбата не беше голема, отиде во Кил, но никако не успеваше да си ја најде фреквенцијата со клубот, па ја прифати понудата на Вардар. Вели дека овде почнал повторно да го ужива ракометот, сепак овие проблеми му враќаат болни и познати емоции.

„Иако немав многу среќа, се чувствувам среќен што можев да играм во некои од најдобрите екипи, бидејќи ми дадоа нови култури и нови и нови јазици. Покрај тоа, освен со Грањолјерс, со сите нив освоив титули. Поради тоа што имам повеќе лоши искуства, сега треперам и на најмалиот проблем. Со оглед на моето минато, изгледа мене долговите ми влијаат повеќе отколку на останатите. Кога имате 20-тина години не ви е многу гајле ако не сте земале плата два месеца, бидејќи имате многу години пред вас, но на мои години гледате да си ги заштитите инвестирањата во иднината, за да не завршите исто како на 18 години“, објаснува Кањелјас, која кариерата ја почна во Грањолјерс, потоа играше и за Барселона, пред авантурите со Сиудад Реал.

Сепак, знае и да се пошегува на својата судбина, бидејќи сакал или не, во ракометниот свет стекнал репутација на баксуз.

„Моите пријатели не ме викаат да играм за нивните клубови, за да не си направат проблеми“, додава на шега бекот на Вардар.