Јапонски репрезентативец го засилува Охрид – доаѓа од Лигата на шампионите!

Екипата на Охрид продолжува амбициозно да го гради тимот за следната сезона, а најново големо засилување е јапонскиот репрезентативец, Шуичи Јошида.

Станува збор за 25-годишен кружен напаѓач, кој потпиша договор за следната сезона со можност за продолжување за уште една година. Тој во Охрид ќе го носи дресот со број 11. Јошида пристигнува со сериозно европско искуство зад себе. Последните две сезони ги мина во Нант, каде настапуваше и во Лига на шампиони, играјќи важна улога и во напад и во одбрана. Претходно беше дел и од Данкерк во Франција, како и Азоти Тарнов во Полска.

Јапонецот е стандарден член на националниот тим на својата земја, а во 2024 година беше прогласен и за најдобар пивот на Азиското првенство.

„Здраво Охрид! Здраво Рибари! Јас сум Шуичи Јошида, јапонски репрезентативен пивот. Премногу сум среќен што ќе го облечам дресот на ГРК Охрид и со нетрпение чекам да заиграм за овој клуб и да ги запознам нашите навивачи. Се гледаме наскоро“, порача Јошида по потписот.

Јапонецот е шести ракометар кој беше ангажиран периодов, а кој следната сезона ќе го носи дресот на охриѓани.