Модриќ не размислува за пензија, ама има два услова за останување во Милан!

Лука Модриќ (40) би можел да остане во Милам и во следната сезона, но клучен услов за тоа е пласманот на „росонерите“ во Лигата на шампионите, пренесува „Газета дело Спорт“.

Хрватскиот ветеран, кој има шест освоени европски титули, наводно е заинтересиран кариерата да ја заврши токму на „Сан Сиро“, но само доколку Милан обезбеди место во европската елита. Италијанските медиуми пишуваат дека клубот сака да ја продолжи соработката со Модриќ, чиј договор содржи клаузула за автоматско продолжување на уште една година доколку двете страни се согласат. Вториот важен услов за останување на Хрватот е и статусот на тренерот Масимилијано Алегри, под чие водство Хрватот сезонава имаше значајна улога и беше еден од најискусните лидери во тимот.

Според најавите, одлуката за неговата иднина би можела да биде донесена уште пред СП 2026, на кое Модриќ би настапил по петти пат во кариерата. Милан паралелно работи и на големо засилување во средниот ред. Леон Горецка е блиску до трансфер од Баерн Минхен, а германскиот репрезентативец наводно веќе има договор со италијанскиот клуб.

Судбината на Милан сезонава ќе се решава во последното коло од Серија А, каде што само победа против Кањари сигурно носи место во ЛШ.