ФФМ решително тргна да ја санкционира Шкендија: Тетовци добија шест дисциплински пријави!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) отвори дури шест дисциплински постапки против Шкендија по инцидентите и однесувањето на синоќешното финале од Купот на Македонија против Силекс (0-1).

Дисциплинската комисија по разгледување на службените извештаи и официјалните информации, покрена постапки против тетовскиот клуб по неколку основи – непочитување на македонската химна, националистички скандирања, користење пиротехника, истакнување недозволени знамиња, навреди кон ФФМ, како и поради одбивањето на фудбалерите да ги примат сребрените медали по завршувањето на натпреварот. Од Куќата на фудбалот информираат дека против Шкендија е поведена постапка и поради истакнување знаме со нацистичка содржина, за кое клубот претходно бил санкциониран и од УЕФА.

Во извештајот на ФФМ се наведува и дека навивачите на Шкендија за време на натпреварот употребиле голема количина пиротехнички средства, меѓу кои 34 големи факели, 19 мали факели, осум топовски удари и 14 чадни бомби. Постапка е поведена и против Силекс, поради националистички извици и употреба на пиротехника од страна на нивните навивачи.

ФФМ во денешното соопштение изрази „сериозна загриженост и разочараност“ од однесувањето на дел од актерите на натпреварот, со посебен акцент на раководството и фудбалерите на Шкендија, оценувајќи дека со нивните постапки директно бил нарушен угледот на македонскиот фудбал. Оттаму сметаат дека со одбивањето да се примат медалите бил покажан презир кон институцијата, но и непочитување кон противничката екипа и спортскиот резултат.

ФФМ во соопштението (види ТУКА) порача дека останува цврсто определена да ги санкционира сите облици на недолично однесување, без разлика за кој клуб или поединец станува збор.