Голманскиот гуру си оди: Милосављев го „украде“ Периќ од Вардар!

Во продолжението од сезоната Вардар ќе биде ослабен за еден важен член, кој не е на теренот, но има огромно влијание на него. Тренерот на голманите, Дејан Периќ ќе се пресели во Бундеслигата.

Неофицијално, легендарниот голман на Југославија, а сега генијален тренер ќе ја заврши својата приказна во Вардар со крајот на оваа година. Негова следна дестинација ќе биде Фуксе Берлин.

Изборот не е случаен, бидејќи таму брани Дејан Милосављев, неговиот штитеник уште од редовите на Партизан и на српската репрезентација и човекот со кого ја покорија Европа во 2017 година.

Милосављев тогаш беше прогласен за најдобар голман во Европа таа сезона, а откако замина во Бундеслигата покажува само фрагменти од неговата брилијантност. Периќ е негов проверен ментор, а одличната работа и во овој подновен Вардар беше очигледно само дополнителна препорака за да биде ангажиран.

Периќ дојде во Вардар во 2018 година, откако Штербик го напушти Скопје, а по него и Страхиња Милиќ, па се вклопи како идеално потребниот авторитет меѓу црвено-црните голмани.