Работнички се бореше до последен атом, Пелистер ја однесе победата
Гостите допатуваа во Битола со само шестмина сениори и уште четворица кошаркари од школата и се очекуваше да поминат како на првиот меѓусебен дуел, во октомври во Скопје, кога Пелистер славеше со 40 разлика. Тоа, сепак, не се случи, а Работнички испушти шанса и да ја комплетира сензацијата и со триумф да си замине од тешкото гостување.
Наспроти прогнозите дека Пелистер ќе се прошета до новата победа, највисоката предност на домашниот тим изнесуваше само девет поени и беше достигната на стартот од последниот период (74-65). Во тие моменти се чинеше дека Работнички е совладан, но гостите не мислеа така и на четири минути пред крајот се доближија на само еден поен негатива (79-80 и подоцна 83-84). Клучна се покажа тројката на Малешевиќ за +4 по што Работнички не успеа да одговори и мораше да се помири со поразот.
Дејвис со 25 поени и 9 скока беше најдобар играч на Пелистер, Малешевиќ додаде 21, а Митревски 15. Кај Работнички, сите стартери беа двоцифрени, најефикасен беше новиот играч Лука Петровски со 19 поени, а Рикиќ оствари дабл дабл со 15 поени и 14 скока.