Исланѓаните ја шокираа Шведска и ги фрлија во очај - Хрватите!

Репрезентацијата на Исланд ја победи Шведска со 35-27 во второто коло од главната фаза на Европското првенство.

Исланѓаните така се вратија по поразот од Хрватска и им го нанесоа првиот пораз на турнирот на Швеѓаните. Во моментов, Исланд, Шведска и Словенија имаат по четири бода и се на врвот на табелата. Хрватска е четврта со два бода и натпревар помалку.

Исланд водеше во текот на целото прво полувреме. Швеѓаните се држеа до 9-7, но Исланѓаните потоа направија серија од 5-1 и избегаа на големи +6. Со таа разлика заврши првото полувреме (18-12), но со одлична игра на почетокот од продолжението, Шведска се врати на само еден гол негатива во 42. минута. Се чинеше дека Шведска оди на пресврт, но Исланд со три последователни гола повторно стигна до +4 (26-22). Шведска заостануваше со 25-28 во 52. минута, за потоа Исланд да постигне пет гола по ред со кои ги реши сите дилеми околу победникот.

Исланд беше предводен од брилијантниот Виго Кристјансон кој постигна 11 гола, Бјарки Мар Елисон додаде шест, а Один Тор Рикхардсон пет гола. Голманот Виктор Гисли Халгримсон одбрани 12 удари. Албин Лагергрен постигна пет гола за поразената репрезентација.

Хрватските ракометари навиваа за победа на Шведска денес бидејќи во таков случај ќе зависеа само од себе до крајот на турнирот. Со три победи по ред, тие ќе беа сигурни полуфиналисти без оглед на другите резултати. Сега сценариото целосно се менува. Вака е лесно можно Хрватска да биде елиминирана дури и со сите три победи до крајот на турнирот. Ова би се случило ако Хрватска, Исланд и Шведска ги добијат сите свои натпревари до крајот. Тогаш кругот би се затворил со овие три репрезентации со по осум бода, а Хрватска би била елиминирана поради најлошата гол-разлика. Во таков круг, Хрватска има гол-разлика од -7, Шведска =0, а Исланд +7.

За Хрватска ситуацијата стана драматично комплицирана, па до крајот на турнирот, најверојатно ќе мора да ги добие сите натпревари и да се надева на неуспеси од Исланд и/или Шведска.