Селска кошарка: Вторпат прекинат меч во Куманово поради – (пре)лизгав паркет (ВИДЕО)

Натпреварот помеѓу Куманово и Чаир 2030 на стартот од вториот дел од кошаркарската Суперлига траеше нецели две минути, откако судиите мораа да го прекинат поради (пре)лизгав паркет на кој постоеше опасност од потешка повреда на некој од актерите.

Публиката во салата виде само еден кош од своите миленици, по што кошаркар на гостинската екипа опасно се лизна враќајќи се во одбрана, што беше последен знак за судиите дека нема регуларни услови за игра. Причина за лизгавоста на паркетот, неофицијално, е преголемата кондензација во салата како резултат на ниските температури и обидот на домаќинот со греење да обезбеди минимални 12 степени колку што предвидуваат правилата. Средбата ќе се доигра утре од 19 часот, во истата сала или во друга ако не биде решен проблемот со влажноста во реновираната кумановска сала за која беа потрешени околу два милиони евра.

Ова е вторпат сезонава поради ист проблем да се пролонгира натпревар од Суперлигата. Првпат тоа се случи лани во окотмври, кога Куманово воопшто не го почна дуелот со Феникс, кој потоа се одигра 24 часа подоцна.