Челси одигра моќно - со втора по ред победа го скокна Ливерпул во зоната за ЛШ (ВИДЕО)

Екипата на Челси дојде до втората по ред победа во Премиер лигата, откако попладнево како гостин го совлада над Кристал Палас (3-1) и се искачи на четвртото место на табелата, последното што носи пласман во Лигата на шампионите.

Лондонските „сини“ рутински го одиграа малото градско дерби и ја искористија кризата на Палас, кој останува во долниот дел од табелата и се соочува со сè поголем притисок во борбата за опстанок. Отпорот на домаќините беше скршен во 34. минута, кога Естевао ја затресе мрежата за водство на Челси. Истиот фудбалер веднаш по паузата се најде во улога на асистент, а Жоао Педро погоди за 0-2. Прашањето на победникот беше дефинитивно решено во 64. минута, кога Енцо Фернандез беше прецизен од белата точка и ја зголеми предноста. Кристал Палас само го ублажи поразот преку Ричардс во финишот.

На останатите натпревари од колото, Брентфорд претрпе пораз на домашен терен од Нотингем Форест со 0-2, додека Њукасл Јунајтед исто така остана без бодови во дербито со Астон Вила, претрпувајќи пораз со идентичен резултат.