Лесна победа за Аталанта, Болоња прокоцка два гола предност во Џенова (ВИДЕО)

Екипите што настапуваа во Европа среде неделата имаа различен исход во 22. коло од Серија А. Аталанта без поголеми проблеми убедливо ја совлада Парма (4-0), додека Болоња претрпе болен пораз на гостувањето кај Џенова (3-2), иако водеше со два гола разлика.

„Божицата“ уште во првото полувреме го реши прашањето на победникот. Рикардо Скамака од пенал во 15. минута го отвори резултатот, а Мартен де Рон само девет минути подоцна зголеми на 2-0, најавувајќи рутински триумф за домаќините. Во вториот дел сцената ја презеде Џакомо Распадори. Засилувањето од Атлетико Мадрид во 74. минута погоди по асистенцијата на Никола Крстовиќ за 3-0, а токму црногорскиот напаѓач во судиското надополнување го постави конечниот резултат. Со овие три бода, Аталанта остана на седмата позиција со 35 бодa.

Далеку подраматично беше во Џенова, каде што Болоња имаше совршен старт. Головите на Фергусон и автоголот на Отоа ѝ донесоа водство од 2-0 на гостинската екипа уште во првото полувреме. Сепак, следеше целосен пресврт. Руслан Малиновски во 62. минута врати надеж, Калеб Екубан во 78. израмни на 2-2, а кога се чинеше дека бодовите ќе се поделат, Жуниор Месиас во 91. минута ја комплетираше големата победа за тимот на Даниеле де Роси. Со триумфот Џенова се искачи на 13. место со 23 бодa, додека Болоња останува осма со 30.