Филип Талески потпиша едногодишен договор со Вардар!

Македонскиот ракометен репрезентативец, Филип Талески, е нов ракометар на Вардар, откако потпиша едногодишен договор со сѐ уште актуелниот шампион на Европа.

Со овој ангажман, „новиот“ Вардар добива уште едно квалитетно пополнување, овој пат на позицијата лев бек. Талески прекинатата сезона поради пандемијата со коронавирусот ја одигра во германскиот бундеслигаш Балинген, откако претходно две сезони беше дел од екипата на Рајн Некар Левен. Станува збор за „дете“ на Металург, каде што први пет години беше дел од младинскиот погон и вториот тим, а помеѓу 2014 и 2017 година настапување за првиот состав на екипата од Автокоманда. Талески досега има одиграно 26 средби за македонската репрезентација и постигнато 65 голови.

Ова е втора, официјална аквизиција за Вардар, по францускиот голман Рибин Кантегрел, а во изминатиов период договорите ги обновија Стојанче Стоилов, Тимур Дибиров, Кристијан Дисингер, Иван Чупиќ и Хлеб Калараш. Од претходно се знаеше дека остануваат и Борко Ристовски и Марко Кизиќ, верноста со клубот ја продолжија и младите Мишевски, Атанасовски, Гашовски, Крстевски, а ново име е и Томислав Јагуриновски од Металург.

Како можни засилувања изминатиов период се споменуваа Португалецот Мигел Мартинс, како и Норвежанецот Елвинд Танген и Словенецот Јуре Доленец.