Е. Пелистер 2 го освои Кавадарци и дојде на чекор до плејофот

Вториот тим на Еурофарм Пелистер ја оствари, можеби, клучната победа во последните неколку кола од групата Б, во ракометната Суперлига. Вечерва, во рамки на 11. коло, го совлада Тиквеш на гости, со 27-26.

Во првиот дуел меѓу овие две екипи кавадарчани се радуваа среде Битола, така што Еурофарм Пелистер 2 имаше мотиви да се реваншира. По стартната предност на Тиквеш, гостите го презедоа водството и го негуваа до паузата, кога важеше 11-9 во нивна корист.

Во вториот дел продолжија да го надградуваат водството, кое некаде околу 45. минута беше изразено со 19-15. Сепак, Тиквеш имаше завршен замав и во 52. минута изедначи на 21-21. Младото лево крило, кое дојде од Струга, Цветан Кузмановски, беше присебен во овие клучни моменти и ја одржуваше предноста на Е. Пелистер 2. 

Тиквеш се доближуваше на минус еден, имаше и напади за изедначување, но не успеа да се врати целосно. Кузмановски постигна осум гола, Талевски додаде шест, а кај Тиквеш, Симиќ со седум и Јанчев со шест беа најпрецизни. Со оваа победа Е. Пелистер 2 дојде до 15 бода на третото место во групата Б, Тиквеш и Прилеп зад него имаат по 10. Битолчани имаат уште три меча до крајот, како и Прилеп, Тиквеш еден повеќе.