
Десеткуваниот Вардар загуби од Тиквеш и се оддалечи од борбата за титула!
„Црвено-црните“ настапија десеткувани, без тројца стандардни ракометари (Петриќ, Николиќ и Јасухира, а во текот на мечот се повреди и Јагуриновски), но и во такви услови беше рамноправен до 45. минута од мечот. Во првото полувреме ниедна екипа не успеа да направи повисока предност, но на одмор Тиквеш замина со минимално водство од 11-10.
На средината од вториот дел, Тиквеш се одлепи на +2 (17-15), а на пет минути пред крајот на мечот и на највисоки три разлика (21-18). До крајот на мечот, Вардар не успеа сериозно да се закани и да се доближи барем на еден гол негатива, па кавадарчани пред преполното гледалиште ја прославија големата победа.
Најефикасен на натпреварот беше играчот на Тиквеш, Ани Обина кој постигна седум гола, додека Ѓукиќ го предводеше Вардар со шест.
Тиквеш сега е пред Вардар на табелата со осум бода, додека „црвено-црните“ имаат шест и драстично ги намалија шансите во борбата за шампионската титула.
Киксот на Вардар го искористи Алкалоид кој со триумфот на гости кај Струга (32-22) собра вкупно 12 бода и сега е убедлив лидер, пред натпреварот на Пелистер против Охрид.