Црногорецот Рогановиќ се врати во Вардар да ги тренира голманите!

Црногорецот Александар Рогановиќ повторно е дел од стручниот штаб на македонскиот ракометен првак Вардар, откако се врати во црвено-црното јато кое го напушти на крајот на ланската година поради приватни причини.

Рогановиќ и во минатата сезона беше дел од Вардар, но на крајот од годината си замина од приватни причини, а сега повторно ќе работи со голманите и веќе е присутен на подготовките на црвено-црните за новата сезона во која поради суспензијата од ЕХФ ќе играат само во домашните натпеварувања.

Вардарци денеска објавија дека Рогановиќ повторно е дел откако брзо се договориле за нова соработка, откако во црвено-црниот табор биле задоволни од работата претходно со голманите Борко Ристовски, Мартин Томовски и Васил Гогов.

Тој е дипломиран тренер на Универзитетот за спорт во Црна Гора, отсек ракомет. Од 1988 година работи како тренер, и по дипломирањето извесен период работи како тренер на сите голмани во репрезентацијата на СР Југославија, потоа Србија и Црна Гора и потоа во Црна Гора. Во периодот од 2004 до 2006 беше дел од СП и ЕП во Словенија и Тунис. Потоа продолжува ра работи во Ловќен и како прв тренер станува шампион на Црна Гора во 2009 година. Следните две години работи како тренер на голмани во женската репрезентација на Црна Гора и на младинскиот тим на Будуќност.

Интернационална кариера кадвор од Европа гради во 2014 и 2015 година кога работи во ОАЕ, и му беше помошник на Веселин Вујовиќ во тимот на Ал Шабах во Дубаи. Следните две сезони продолжува во тимот на Ал Џезеира од Абу Даби каде работи како помошен тренер. Во 2016 година се враќа во Црна Гора и со Ловќен е шампион на Црна Гора. Потоа до 2019 година работи во Копер (Словенија) и Железничар (Ниш) како помошник на Вујовиќ и тренер на голмани.