Чупиќ пред дербито со Пелистер: Вардар секогаш е фаворит во „Јане Сандански“!
Чупиќ очекува полна сала во „Јане Сандански“ и продолжување на победничката серија, нагласувајќи дека секој освоен бод е важен, иако сезоната е сè уште во рана фаза.
„Ова е најголемото дерби во Македонија и едно од најголемите на Балканот. Играме дома и се надевам дека ќе имаме полна сала и одлична атмосфера. Ќе има многу емоции и тензии, ќе биде тежок натпревар, но ние сме фаворити и очекуваме добра игра и победа“, вели Чупиќ.
Хрватскиот стратег има јасен став кога станува збор за настапите на Вардар пред домашната публика. Според него, противникот не може да ја има улогата на фаворит кога игра во „Јане Сандански“, без разлика на неговото име и реноме.
„Вардар секогаш кога игра дома е фаворит. Тоа е во мојата глава отсекогаш. Секој што ќе дојде во 'Јане Сандански' треба да сфати дека тука многу тешко се победува и се освојуваат бодови. Ова е наша сала и историски се поставуваме така – мораме да победуваме во континуитет“, категоричен е тренерот на црвено-црните.
Чупиќ открива и дека од своите ракометари бара максимална посветеност, тимски дух и целосен фокус на клупските обврски. За него, Вардар мора да биде на прво место, а секој играч треба да се бори за соиграчите и за дресот што го носи.
Посебен момент во пресрет на дербито е и средбата со Лино Червар, тренерот кој со години му беше предводник во хрватската репрезентација. Чупиќ има огромна почит кон искусниот стратег, но потенцира дека личните тренерски дуели се во втор план.
„Многу го почитувам Лино, ми беше тренер во репрезентацијата многу години. Тој е најголемиот хрватски тренер, човек кој поминал сè во животот, и добро и лошо. Но, немам некое посебно чувство затоа што играм против него. Не е важен Лино, не е важен Чупиќ, важно е Вардар да победи. Ние сме тука само во еден момент од историјата на клубот. Важен е само Вардар“, истакнува Чупиќ.
Тренерот на Вардар не смета дека густиот распоред претставува проблем за неговиот состав. Напротив, верува дека честите натпревари можат да бидат дополнителен адут во пресметката со битолчани.
„Мислам дека густиот распоред е предност, а не маана. Сакам да играме на два-три дена, затоа што повеќе се учи од натпревари отколку од тренинзи. Тоа може да биде наша предност, исто како и домашниот терен“, објаснува хрватскиот стратег.
Свесен е дека стилот на игра на Пелистер не му одговара целосно на неговиот тим, особено поради бавното темпо што го наметнува ривалот. Сепак, Вардар ќе мора да биде подготвен за различни сценарија.
„Не ни одговара ракометот што го игра Пелистер, со бавно темпо, но мораме да се приспособиме на сè што ќе донесе натпреварот. Треба да имаме план А, Б и Ц, за да имаме одговор на секоја ситуација“, најавува Чупиќ.
Тој додава дека Вардар нема да се откаже од сопствениот стил и тактички принципи, но за секој противник подготвува одредени новини. Така ќе биде и за големиот ривал од Битола, за кого црвено-црните подготвуваат нешто поинакво.
На крајот, Чупиќ откри и каква награда ги очекува неговите ракометари доколку го добијат дербито. Победа над Пелистер би им донела неколкудневен одмор, барем на оние кои нема да имаат репрезентативни обврски.
„Ако победиме, ќе им дадам одмор до среда на ракометарите кои нема да имаат обврски со репрезентациите. А ако загубиме? Не сум размислувал за тоа“, заврши Чупиќ со јасна порака за амбициите пред големото дерби.
Натпреварот меѓу Вардар и Пелистер се игра в недела од 17:45 часот. Вардар во него влегува со максимален ефект по осум одиграни кола, додека битолчани загубија еден бод со ремито против Охрид на гостински терен.