Гогов: Првпат ќе бидам капитен на ваков натпревар, очекувам победа!

Капитенот на Вардар, Васил Гогов со големи очекувања го дочекува неделното дерби против Пелистер. За голманот на црвено-црните ова ќе биде посебен натпревар, бидејќи првпат ќе ја има капитенската улога во најголемата ракометна пресметка во Македонија.

Вардар ќе се обиде да ја искористи предноста на домашниот терен и со нов триумф да го задржи лидерското место во првенството. Гогов смета дека овој дуел има многу поголемо значење од бодовите, бидејќи победата би донела и дополнителна мотивација и енергија за продолжението на сезоната.

„Не очекува најголемото дерби на Балканот, еден тежок натпревар кој ни е многу важен. Не само за да останеме на првото место во лигата, туку и за мотивација и енергија. Поминавме тежок месец со многу натпревари, заморот е присутен, но кога ќе дојде ваков натпревар, тоа се заборава. Ќе дадеме сè од себе и се надевам дека во убава атмосфера ќе победиме. Титулите се освојуваат со добра одбрана и со одбрани на голманите. Во вакви натпревари, каде што противникот игра со долги напади, мислам дека победникот ќе го одлучат одбраната и голманите“, истакнува капитенот на црвено-црните.

Дополнителен мотив за Гогов е и одговорноста што ја носи капитенската лента. Првпат ќе го предводи Вардар во дербито со битолчани со капитенската лента на својата рака, па и одговорноста ќе биде поголема.

„Емоциите се на високо ниво. Овој натпревар за мене ќе биде посебен, бидејќи првпат ќе го играм дербито како капитен. Ќе дадеме сè од себе и очекувам победа“, додава Гогов.

Тој добро го познава противникот и смета дека Пелистер и оваа сезона располага со квалитетен состав. Главните играчи од минатата сезона се сè уште во тимот, но промената на тренерската позиција донела и поинаков пристап во играта.

„Главните играчи на Пелистер од лани се тука и сега. Имаат нов тренер и нивната игра е сменета. Минатата сезона играа побрзо, а сега имаат побавно темпо. Поседуваат квалитетни ракометари и нè очекува тежок противник“, предупредува Гогов.