„Чкембари“ нема да го бодрат Пелистер во регионалната лига!

Навивачката група Чкембари објави дека нема организирано да присуствува на натпреварите на Пелистер во регионалната ракометна лига, објаснувајќи дека ова натпреварување не е приоритет за нив.

Битолските навивачи во своето соопштение изразија незадоволство и од начинот на кој е составен распоредот, оценувајќи дека тој не остава впечаток дека регионалната лига е сфатена со потребната сериозност.

„Ја известуваме битолската спортска јавност дека навивачката група Чкембари нема да присуствува организирано на натпреварите од регионалната ракометна лига.

Ова натпреварување не е приоритет за групата, а сметаме дека ниту начинот на кој е составен распоредот не остава впечаток дека лигата е сфатена со потребната сериозност. Во само седум дена се предвидени три домашни натпревари, што според нас дополнително го девалвира значењето на самото натпреварување.

Сметаме дека во вакви услови и нашиот клуб не треба да ја третира регионалната лига како натпреварување од највисок приоритет.

Сепак, ги охрабруваме сите навивачи на Пелистер кои се во можност да присуствуваат на натпреварите и да им дадат поддршка на нашите ракометари, пред почетокот на новата сезона“, соопштија од навивачката група.