„Чекам Дибиров и Томовски да потврдат, сите други остануваат да војуваат со Пелистер!“

Бркањето од Лигата на шампионите (ЛШ) нема да значи и крај на РК Вардар, кој ќе продолжи да се натпреварува како и досега, овој пат во домашното првенство и во СЕХА-лигата, за која добивме гаранција дека ќе продолжува да се одржува без разлика на војната во Украина.

Првиот човек на црвено-црните, Михајло Михајловски, потврди дека досега потпишаните засилувања нема да се реализираат, но дека тие што годинава војуваа во црвено-црниот дрес ќе продолжат да играат и во иднина. Засега не е добиена потврда за останување само од Тимур Дибиров и голманот Томовски, кои се на одмор и со кои ќе се разговара по враќањето во Македонија.

„Вардар нема да згасне. Нема да играме во ЛШ, ама ќе пробаме да направиме квалитетен тим кој ќе може да се бори со Пелистер за домашните титули. Противникот е силен и нема да му дозволиме лесно да ни го преземе приматот. Странците што ги потпишавме нема да може да дојдат, но тие што играа минатата сезона ми потврдија дека немаат намера да си заминат. Останува само да се видам со Дибиров и Томовски, за да ги видам нивните размислувања, ама верувам дека и тие ќе им се придружат на колегите и ќе останат да се борат за тоа што е пред нас. СЕХА-лигата исто така ќе се игра, што значи дека веќе во август и септември ќе имаме сериозни обврски. Животот продолжува и ќе пробаме да го извадиме максимумот“, изјави Михајловски.

Предводникот на црвено-црните истовремено напомена дека Давид Дејвис најверојатно ќе го напушти клубот, а тренерската функција ќе ја преземе Владо Недановски. 

„Веруваме во Владо, тој е едуциран тренер со светла иднина. Учеше од многу големи имиња кои беа во нашиот клуб и веруваме дека ќе одговори на предизвикот“, дополни Михајловски.