Бутел прв го мина осминафиналето во Купот и тоа со 53 постигнати гола

Екипата на Бутел е прва која го мина осминафиналниот праг во македонскиот ракометен Куп, декласирајќи го прволигашот Јехона со 53-30.

Иако тренерот Кристијан Грчевски во преден план го стави разигрувањето на тимот и шанса добија и помладите, Бутел во ниеден миг не престана да ја покажува разликата во квалитет. Водството стана двоцифрено уште рано, па на паузата важеше резултатот 25-13 за фаворитот, кој имаше само формална улога на гостин, бидејќи мечот се одигра во неговата сала, во училиштето „Антон Димитров“ во Скопје, а не во Гостивар.

Во второто предноста на Бутел достигна највисоки плус 26, пред да застане на конечните 53-30. Петар Цветковски се истакна со осум гола, седум додаде Филип Николов, а најефикасен, сепак, беше Мојсие Тасески од поразената екипа. Со овој триумф, Бутел се пласира во групната фаза, каде што ќе го следат победниците на преостанатите 15 двојки. По завршувањето на есенскиот дел од првенството, пласманот на табелата во Суперлигата (и во Прва лига ако е потребно) ќе биде искористен да се рангираат екипите за ждрепката. Во неа ќе бидат поделени во четири групи со по четири тима и по пат на нок-аут систем, победниците од четирите групи ќе се пласираат на Ф4-турнирот во Купот.

 

РК Вардар Неготино – РК Партизан 2016 Спорт

ГРК Тиквеш 2014 – РК Кичево 2020

РК Јуниор К.В – РК Драчево

РК Алкалоид – РК Астраион Хендбол

РК Голден Арт КЛ7 – РК Овче Поле 1958

РК Аеродром – РК Пролет 62

РК Младост 1977 – ГРК Охрид

РК Скопје 2020 – РК Бисинов Фруит Ленд

РК Радовиш – РК Преспа 2015

РК Вардар 1961 – РК Мулти Есенс

РК Еурофарм Пелистер – РК Текстилец

РК Јехона – РК Бутел Скопје

РК Струга – РК Македонија Ѓорче Петров

РК Еурофарм Пелистер 2 – РК Шампион

МРК Куманово – РК Голден Арт КЛ7

РК Прилеп – РК Металург РА